Само еден ден по нејзиниот 84-ти роденден, Марта Стјуарт – најпозната како американски гуру за уредување на дом, готвење и животен стил – објави дека влегува во светот на нега на кожата со свој сопствен бренд: Elm Biosciences.
Новата линија, која ќе биде достапна од 17 септември, е резултат на пет години развој и истражување во соработка со њујоршкиот дерматолог д-р Дхавал Бханусали, познат и по формулацијата на линијата на Хејли Бибер – Rhode. Стјуарт се консултирала и со дури 350 дерматолози при создавањето на производите.
Првите два производи од линијата се серум кој чини 135 долари и орален суплемент од 50 долари. Серумот содржи патентиран A3O комплекс наменет за борба против знаците на стареење – од УВ оштетување до дехидратација и иритација – додека додатокот во исхраната е дизајниран да влијае на внатрешните причини за стареење како воспаление, оксидативен стрес и хормонален дисбаланс.
„Интересот за здрава кожа го имам уште од дете“, изјавила Стјуарт во интервју за Wall Street Journal. „Луѓето секогаш ја фалат мојата кожа, и тоа ме радува – затоа што вложувам многу во неа.“ Таа посочила дека пазарот на козметика за жени во нејзина возраст е „длабоко занемарен“, но и дека производите се наменети за широка публика. „Клетките умираат, кожата старее, и ние старееме од моментот кога ќе се родиме. Она што можеме е да го забавиме тој процес,“ објаснила Стјуарт.
Таа без задршка ја фали својата линија: „Ја користам религиозно веќе некое време и кожата ми е фантастична.“
Отворено зборува и за процедурите што ги прави: „Правам тоа што го нарекувам ‘дотерување’ – малку филери, малку колаген во образите, ботокс под брадата и околу вратот. Но никогаш не сум легнала под нож.“
Марта Стјуарт е една од највлијателните икони на американската поп-култура. Како водителка, бизнисменка, авторка и издавачка, таа изгради империја од сопствениот имиџ на „совршена домаќинка“. Но, во 2004 година нејзиниот углед беше сериозно нарушен кога беше осудена на пет месеци затвор за попречување на правдата и манипулација со берзански информации – случај што ја шокираше јавноста.
И покрај скандалот, по излегувањето од затвор, Стјуарт успеа да го обнови својот бренд и популарноста, а денес се смета за симбол на упорност, повторно градење и елегантно стареење.
Со лансирањето на Elm Biosciences, таа уште еднаш покажува дека возраста не е пречка за иновација – напротив, може да биде поттик.
Таа пред три години ја шокираше јавноста кога на 81 година позираше за насловната страница на списанието „Спортс илустрејтид“ во костим за капење