„Да не ги сфаќаме Русите премногу сериозно. Знаеме дека нивните борбени пилоти се познати по тоа што не знаат како правилно да управуваат со тие авиони, а судејќи според сите работи што ги оставаат на морското дно, нивните капетани не знаат како да го фрлат сидрото“.
Вака изјави генералниот секретар на НАТО Марк Руте најавувајќи дека НАТО ќе преземе дополнителни мерки за справување со руските дронови, за што се тестираат нови интегрирани системи за борба против цели во воздушниот простор.
– Ќе ги прошириме и забрзаме нашите напори со голем број дополнителни мерки за борба против дроновите. Мислам дека ова е јасен пример за брза и ефикасна соработка што ја овозможува НАТО – изјави Руте на прес конференцијата по завршувањето на состанокот на министрите за одбрана на Северноатлантскиот пакт.
Тој најави дека целта на овие интегрирани системи е да помогнат за откривање, следење и неутрализирање на воздушни закани и за справување со хибридните закани
Според него, паралелно со овие системи, НАТО ќе продолжи и со развој на механизми за споделување на способностите меѓу сојузниците.
Генералниот секретар на НАТО оцени дека неодамнешните упади на дронови во воздушниот простор на земјите членки на Алијансата претставуваат „неодговорно и неприфатливо“ однесување, но порача дека сојузниците не треба да ја преувеличуваат способноста на Русија.
Генсекот најави и дека на денешниот министерски состанок над половина од земјите членки дале ветување дека ќе учествуваат во програма за купување американско оружје и муниција за потребите на Украина.
– Ја имаме оваа иницијатива каде што сојузниците купуваат не само опрема, туку и оружје од САД – рече Руте.
Тој додаде дека, сепак, не може да навлегува во детали за тоа што е испорачано или не ѝ е испорачано на Украина, но дека се работи на тоа на земјата да и се достават уникатни системи што и се неопходни.
– Она што можат да го обезбедат само САД го плаќаат сојузниците, а денеска, како што реков, повеќе од половина од сојузниците се приклучија на иницијативата – нагласи Руте.