Девет лица загинаа во напад на руски дрон врз патнички автобус во североисточна Украина, соопштија локалните власти, пренесуваат странските медиуми.
Воената администрација на регионот Суми објави дека уште четири лица се повредени во градот Билопилија во саботата наутро. Лекари, брза помош и полиција во моментов се на местото на настанот.
Овој напад се случи само неколку часа откако Русија и Украина ги одржаа своите први мировни преговори од 2022 година, објави tportal.
Да потсетиме, украинските и руските претставници кои одржаа директни разговори во Истанбул во принцип се согласија повторно да се сретнат, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан. Фидан, кој посредуваше во преговорите меѓу Русија и Украина, напиша на X откако двете страни се согласија да разменат 1.000 воени заробеници, дека тоа е чекор што служел за градење доверба. Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека Киев верува оти следниот чекор треба да биде средба меѓу лидерите на двете земји.