Руските сили утрово нападнаа градинка во Харков користејќи дронови, соопштија високи украински функционери.
„Имаше директен удар врз приватна градинка во областа Холоднојарки во Харков, каде што избувна пожар“, изјави градоначалникот на Харков, Ихор Терехов.
Според првичните информации, едно возрасно машко лице е убиено, додека сите 48 деца се евакуирани од местото на нападот. Децата не претрпеле никакви физички повреди, но, според украинските власти, биле во состојба на сериозен стрес.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во нападот се повредени уште седум лица и дека сите ранети добиваат медицинска помош.
„Сите деца се евакуирани и се во засолништа. Според прелиминарните податоци, многу од нив имаат акутна реакција на стрес“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
„Нема и не може да има никакво оправдување за нападот со беспилотни летала врз градинка. Русија станува сè побезобразна. Овие напади се шлаканица за сите што инсистираат на мирно решение. Бандитите и терористите можат да бидат запрени само со сила“, рече украинскиот претседател, според Политико.