Новите сателитски снимки покажаа значителна руска воена активност во близина на источната граница на Финска.
Аналитичарите истакнуваат дека бројот на сместувачки капацитети за војници се зголемува во неколку клучни бази, се распоредуваат авиони и се гради нова инфраструктура, пишува „Хелсинки тајмс“.
Снимките беа објавени од шведската телевизија SVT, а беа собрани од компанијата Planet Labs. Тие покажуваат интензивна активност на четири локации: Каменка на Карелискиот Истмус, Петрозаводск, Североморск-2 и Олења. Според проценките, Русија го зголемува своето воено присуство во регионот како одговор на влегувањето на Финска и Шведска во НАТО.
Во Каменка, на само 60 километри од финската граница, од февруари 2025 година се поставени повеќе од 130 воени шатори. Просторот, кој беше целосно празен во 2022 година, сега, според проценките, може да смести до 2.000 војници. Воениот аналитичар Емил Кастехелми оценува дека станува збор за „растечка активност“ и одложено спроведување на мерките што Русија претходно ги објави како одговор на проширувањето на НАТО, пренесува Индекс.
Во Петрозаводск, на околу 175 километри од границата, беа изградени три големи складишта, секоја со капацитет за приближно 50 оклопни возила. Четвртиот објект е во изградба. Аналитичарите се сомневаат дека целта на овие објекти е да се прикрие вистинскиот број на распоредени возила.
Посеверно, над Арктичкиот круг, се реновира поранешната воздухопловна база Североморск-2. Хеликоптерите веќе се видливи на пистата, а се верува дека пистата се подготвува и за борбени авиони со фиксни крила.
Нова активност е регистрирана и во воздухопловната база Олења, од која оперираат руските стратешки бомбардери. Според украински извори, бомбардерите од Олења се користат за напади врз украински цели.
Русија го спроведува она што го најави претходно
Шефот на шведската армија, Михаел Клаесон, изјави дека овие случувања се потврда за она што Русија го најави како „воено-технички одговор“ на проширувањето на НАТО. „Кога аплициравме за членство во НАТО, Русија рече дека ќе преземе одредени мерки. Сега гледаме како се спроведуваат“, рече Клејсон.
Финска официјално стана членка на НАТО во 2023 година, поместувајќи ја границата на Алијансата директно кон северозападна Русија. Како одговор на тоа, Финска ги зајакнува сопствените одбранбени капацитети и гради команден центар на НАТО во Лапонија, кој треба да биде оперативен до крајот на годината.
Иако Русија првично не одговори воено, новите сателитски снимки покажуваат дека се во тек систематски подготовки од нивната страна од границата. Овие активности се одвиваат паралелно со континуираната руска инвазија на Украина и зголеменото меѓународно набљудување на воената ситуација во балтичкиот и арктичкиот регион. Воени претставници од Финска и Шведска велат дека внимателно го следат понатамошниот развој на настаните.