Руската армија изврши комбиниран напад врз градот Суми во Украина, гаѓајќи нестанбени зони и предизвикувајќи сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Началникот на Регионалната воена администрација, Олег Григоров, изјави дека засега нема пријавени жртви, но штетата е значителна.
– Непријателот изврши комбиниран напад врз Суми. Има удари кои не се во станбениот сектор. Засега нема жртви – изјави Григоров.
Тој додаде дека надлежните служби работат на терен за да го утврдат обемот на материјалната штета и да ги отстранат последиците од нападот.
Компанијата за електродистрибуција АО „Сумиобленерго“ соопшти дека по гранатирањето се пријавени прекини во снабдувањето со електрична енергија во делови од градот и околината.
– Прекините во дистрибуцијата на електрична енергија во дел од градот Суми и округот Суми се поврзани со воената агресија на Руската Федерација – стои во соопштението.
Проблеми се јавиле и во водоснабдувањето, бидејќи нападот предизвикал дефекти во системот за електрична енергија кој ја напојува градската водоводна мрежа.
Според украинските воздухопловни сили, руските сили лансирале наведувани авио-бомби тип „КАБ“ врз градот Суми, што дополнително ја влошило ситуацијата во регионот.