Русија и Украина би можеле на 15 мај во Истанбул да разговараат за тоа како да обезбедат одржлив мир, како и за реалноста на терен, вклучувајќи го и прашањето за териториите, изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков.
Тој наведе дека Русија е подготвена сериозно и одговорно да преговара, но оти „сегашните политичари во Киев се неспособни за преговори“.
Рјабков наведе дека темите во Истанбул ќе бидат исти како оние за кои многупати се зборувало, а тоа е како да се обезбеди сигурно, одржливо решение за ситуацијата во Украина, пред сè, со решавање на примарните извори на тој конфликт. Тој истакна дека исто така мора да се разговара за решавање на прашањата поврзани со „денацификација на киевскиот режим“ и признавање на реалноста на терен, „вклучувајќи го влезот на нови територии во составот на Руската Федерација“.
Рјабков им рече на новинарите дека е рано да се даваат прогнози кога се во прашање преговорите. Тој оцени дека треба да се упати прашање до „спонзорите на киевскиот режим“ и до самиот Киев дали се подготвени за преговори.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека продолжуваат подготовките на Русија за преговори со Украина во Истанбул. Песков напомена дека Кремљ засега не планира да дава какви било други коментари за планираниот руско-украински состанок во Истанбул.
Путин предложи продолжување на директните преговори со Украина без предуслови кои беа прекинати во 2022 година и дијалогот да почне на 15 мај во Истанбул. Зеленски се согласи на разговори во Турција на 15 мај, но од самиот почеток говореше дека сака лична средба со Путин. Русија сè уште не соопшти на кое ниво ќе учествува.