Русија и Украина повторно разменија останки на паднати војници, потврди во четврток помошник на рускиот претседател, во согласност со договорот постигнат за време на втората рунда мировни преговори одржани во Истанбул во јуни.
Владимир Медински, шеф на руската делегација на разговорите, преку Телеграм изјави дека Москва ги предала телата на 1.000 украински војници, додека за возврат ги добила телата на 19 свои војници.
Државната новинска агенција РИА, повикувајќи се на неименуван извор, соопшти дека Русија планира да ги врати телата на вкупно 3.000 украински војници и дека размената во четврток е само почеток на тој процес, објави Ројтерс.
Завојуваните страни извршија серија размени на заробени војници и останки од мај, кога мировните преговори продолжија во Истанбул по повеќе од три години, во обид да ги намалат тензиите.