Румер Вилис, ќерката на холивудската легенда Брус Вилис, испрати трогателна порака до својот татко на Денот на таткото, размислувајќи за нивниот однос, семејството и тешкиот период низ кој минуваат откако му беше дијагностицирана деменција.
„Денот е тежок. Чувствувам длабока болка во градите затоа што сакам да те гушнам, да ти кажам што ми се случува, да ти поставам прашања за твојот живот, твоите приказни, борби и успеси“, напиша Румер на Инстаграм.
„Знам дека не би сакал да бидам тажна, па ќе се обидам да бидам благодарна. Благодарам што си мојот татко. Што сè уште можам да те држам за рака, да те гушнам, да ти го бакнувам образот, да гледам како твоите очи светат кога ќе ја видиш Луета. Секој момент со тебе е драгоцен. Те сакам, среќен Ден на татковците“.
Брус Вилис се повлече од актерството во 2022 година, откако му беше дијагностицирана афазија, болест која влијае на говорот и когнитивните способности. Една година подоцна, семејството објави дека му била дијагностицирана фронтотемпорална деменција, форма која ги зафаќа предните и страничните делови на мозокот.
Оттогаш, Румер и остатокот од семејството отворено споделуваат фрагменти од секојдневниот живот и предизвиците со кои се соочуваат. Другата ќерка, Талула, претходно изјави дека нивните посети биле „полни со љубов“ и дека ја чувствуваат важноста да се подигне свеста за болеста.
Објавата на Румер Вилис предизвика бројни реакции и поддршка, а многумина споделија свои искуства со членовите на семејството кои живеат со деменција. Деми Мур, поранешната сопруга на Брус и мајка на неговите три ќерки (Румер, Скаут и Талула), исто така ја истакна важноста од споделување на нивната приказна: „Ако може да му помогне на друго семејство или да привлече внимание на некоја болест да се најде лек – тоа е важно“.
Во 2009 година, Брус Вилис се ожени со манекенката Ема Хеминг, со која имаше уште две ќерки – Мејбел Реј Вилис (13) и Евелин Пен Вилис (11).