Романското Министерство за одбрана потпиша договор со холандската влада за купување на 18 борбени авиони Ф-16 Фајтинг Фалкон заедно со потребната опрема, објави романскиот министер за одбрана Јонук Муштеану.
Според него, овие авиони ќе се користат исклучиво за обука во Европскиот центар за обука Ф-16 во Фетешти, Романија. Центарот веќе стана регионален центар за обука на пилоти од земјите-членки на НАТО и сојузничките земји, потсетува Индекс.
Муштеану истакна дека Романија ќе плати симболична цена за авионот – 1 евро.
„Ова е паметна инвестиција во обуката, соработката и иднината“, нагласи тој.
Романија ќе ги покрие трошоците за обука на украински пилоти во Фетешти од државниот буџет.
Обуката ќе се финансира преку романското Министерство за национална одбрана.
За потсетување, во 2023 година, неколку земји-членки на НАТО одлучија да испратат борбени авиони Ф-16 во Украина и да обучуваат украински пилоти да ги летаат.
Според Политика, Украина врши притисок врз европските земји и САД да ги забрзаат напорите за обука на пилоти за летање со Ф-16, бидејќи Киев беше незадоволен од темпото и обемот на обуката на пилоти на Запад.
Во мај оваа година, белгискиот министер за одбрана Тео Франкен објави дека Белгија ќе ги испорача своите Ф-16 на Украина порано од првично планираното. Сепак, тој неодамна изјави дека Белгија ќе може да испорача дополнителни борбени авиони Ф-16 на Украина во најдобар случај следната година.
Причината е што Белгија неодамна ги доби своите борбени авиони Ф-35 од новата генерација. Франкен истакна дека новите борбени авиони Ф-35 сè уште не се оперативни, што, според него, треба да станат за околу една до една и пол година.
							
								
			




                               















		
		
		
		
		






