Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека Владата донела одлука цените на училишниот прибор да останат на нивото од 1 јуни годинава, со што се обезбедува поевтина „училишна кошничка“ за сите семејства.
Како што истакна Јаневска во гостувањето во „Вести плус“ на ТВ Канал 5, родителите ќе плаќаат околу 10 проценти помалку од актуелните цени за ранци, боички, фломастери, тетратки и за друг потребен прибор.
– Донесовме одлука за училишната кошничка и еве ги информирам родителите дека ќе бидат цените кои важеле на 1 јуни годинава. Тие цени ќе бидат за целиот училишен прибор, почнувајќи од ранци, боички, фломастери, тетратки, сѐ што е потребно за едно дете да тргне на училиште е опфатено со оваа мерка и веќе е донесено. На 1 септември ќе биде цената што била на 1 јуни, тоа сигурно е 10 проценти помалку од денешните цени – рече министерката вчера.
Пред два дена премиерот Мицкоски најави дека Владата пред септември ќе воведе таканаречена „Училишна кошничка“ со која ќе се опфати училишниот прибор.