Рикард Андерсон е осомничениот за масовното пукање во Шведска. 35-годишникот е обвинет дека вчера околу пладне во Центарот за образование на возрасни Рисбергска го извршил најтешкото масовно убиство во историјата на земјата.
Според полицијата, најмалку 11 лица беа убиени откако напаѓачот отворил оган во училиштето Кампус Рисбергска во Оребро, пред да се застрела. Локалните извори тврдат дека Андерсон страдал од психички проблеми и живеел сам. Документите на шведската национална служба покажуваат дека тој во неколку наврати бил одбиен за воена служба. И покрај тоа, добил дозвола за четири ловечки пушки.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон го опиша нападот како „најлошото масовно пукање во шведската историја“.
– Денеска бевме сведоци на брутално, смртоносно насилство врз целосно невини луѓе. Ова е најлошото масовно пукање во шведската историја. Многу прашања остануваат неодговорени и не можам да ги дадам тие одговори – изјави синоќа Кристерсон.
Шокантна снимка покажува како неколку луѓе го напуштаат центарот за образование за возрасни, среде звуците од истрели.
Се слушале силни врисоци додека трчале покрај детското игралиште.
Во друга снимка, преплашените ученици се забарикадираа во училниците додека во позадина се слушаа сирени.
Полицијата пристигнала на местото на настанот околу 12:30 часот по извештаите за напаѓачот кој пукал од автоматско оружје, а потоа беше спроведена голема итна реакција.