РЕКОРДНИ 8,1 МИЛИОНИ ЕВРА СОБРАНИ ОД КОНЦЕСИИ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
Coal mining in surface mine. Miner looking on the huge excavator.
- Advertisement -
Ad image

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во вториот квартал од 2025 година достигнала рекордни 260.379.123 денари или 4,2 милиони евра што претставува значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година, кога биле наплатени 133.576.534 денари или 2,1 милиони евра.

„Овој успех следи по исклучителните резултати од првиот квартал од 2025 година, кога беа наплатени 260.327.223 денари, што е повеќе од двојно во споредба со 110.576.324 денари во првиот квартал од 2024 година. Збирно, за првите шест месеци од 2025 година, Министерството оствари наплата од над 500.000.000 денари (или околу 8,1 милион евра, н.з.), што е историски успех во управувањето со природните ресурси на Република Македонија“, соопшти Министерството.

Министерството очекува оваа бројка да расте со оглед на фактот дека се испратени опомени до концесионерите што сѐ уште не ја регулирале обврската да го сторат тоа во рокот.

Овие резултати, како што велат, се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. Министерството вршело засилени инспекциски контроли, редовни и вонредни теренски проверки за обезбедување усогласеност со законските обврски. Издадени се писмени опомени и санкции – испратени се предупредувања до концесионерите за навремено подмирување на обврските, со едностран раскин на договори за оние кои не ги почитуваат законите. Во тек се постапки за раскин на уште десетина договори.

Воведен е нов Тарифник од 1 јануари 2025 кој ја зголеми висината на надоместоците до 100%, обезбедувајќи правична вредност за користење на природните ресурси. Клучните измени во Тарифникот вклучуваат: зголемување на надоместокот за користење простор за експлоатација за околу 30%, надоместок за експлоатација на мермер и тоа 5% од приходот од продадената суровина, зголемување на надоместокот за метални минерални суровини од 2% на 4% и просечно зголемување над 100% за неметалични минерални суровини.

Овие измени не се однесуваат на енергетските минерали, како јагленот, со цел да се заштитат граѓаните од дополнителен притисок врз цените на електричната енергија.

Зголемената наплата, додаваат од Министерството, директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет. Овие средства се инвестираат во изградба и одржување на комунална инфраструктура, проекти за енергетска транзиција и одржлив развој и во иницијативи за заштита на животната средина.

„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси. Овие резултати се доказ за нашата определба да ги зајакнеме економските придобивки од експлоатацијата на минералните суровини, истовремено обезбедувајќи одржлив развој и поддршка за локалните заедници“, додаваат во соопштението од Министерството.

Share This Article