Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама во првата реакција за апсењето на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, вели дека тоа е голем настан што не може да го помине без „без коментар“.
– Да се земе градоначалникот на Тирана и да се затвори во ќелија без судење, да се остави цел град без главата што му ја ставија на раменици, е многу голем настан кој не можам да го поминам со „без коментар“. Повеќе нема да го чувам својот став за себе. Во сите случаи, правдата ќе си ја заврши работата – рече Рама во директна комуникација со граѓаните на Фејсбук.
Наведувајќи го неговиот став, меѓу другото додава дека новиот правосуден систем ја стекнал потребната самодоверба.
– Нашата поддршка ќе продолжи како и обично, но нема причина да не искажуваме критички мислења, што дополнително ќе помогне за негово консолидирање. Поминаа 5 години откако сите зборуваат за овие луѓе парадирајќи пред камерите на железничката станица, а обвинуваат дека молчи само Социјалистичката партија, силата што управува со државата. Нашиот молк досега многу им помогна на правосудните институции, но разбираме дека им недостига конструктивна критика – нагласи Рама.
Одговарајќи на еден од граѓаните кој го повика да си поднесе оставка, како и опозицијата, изјави дека има само две причини кои ќе го тргнат од политиката.
– Има само два начина да ме отстраните од политиката, тоа е моето срце или народот на Албанија. На 11 мај, за среќа, ќе гласаат и дел од раселените Албанци, а многу ме интересира како ќе гласаат кога некој ме обвинува дека јас сум ги иселил. Не сум желен за власт, туку за работа – одговори тој.
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, беше уапсен вчера по налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, по што Специјалниот суд му одреди мерка „затворски притвор“.