Тензиите на израелско-либанската граница не стивнуваат и покрај договорениот прекин на огнот меѓу Израел и шиитската милиција Хезболах. Откако, наводно, биле истрелани ракети од Либан кон Израел, израелската војска одговорила со напад на цели на Хезболах во јужен Либан. Хезболах негираше вмешаност, додека Израел им се закани на либанските власти со акција.
Израелската војска за Би-Би-Си изјави дека две ракети биле истрелани од Либан кон северен Израел. Едниот бил пресретнат, додека другиот паднал на либанска територија, напиша на социјалните мрежи портпаролот на армијата Авичај Адрае.
Тоа беше втор пат ракети да бидат истрелани од Либан, откако договорот за прекин на огнот постигнат во ноември минатата година, во голема мера стави крај на непријателствата меѓу Израел и либанското шиитско движење Хезболах. И покрај кревкиот прекин на огнот, Израел продолжува да извршува повремени напади во јужен Либан.
Така, само неколку часа по лансирањето на ракетите, тој денеска објави дека израелската војска изведува воздушни напади против Хезболах во јужен Либан. Според соопштението, армијата нападнала „терористички цели на Хезболах“, пренесува француската новинска агенција АФП.
Хезболах, пак, негираше вмешаност во вчерашното лансирање ракета против северен Израел. „Официјален извор во Хезболах потврдува дека групата го почитува договорот за прекин на огнот и негира каква било вмешаност во двете ракети кои денеска беа истрелани од јужен Либан“ врз Израел, се вели во соопштението на милицијата на Телеграм, пренесе АФП.
Кач: „Либанската влада сноси директна одговорност“ Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, како одговор на лансирањето на ракетата, им се закани на властите во Бејрут со последици доколку нема мир.
„Либанската влада сноси директна одговорност за какво било непријателство против Галилеја“, рече Кач, мислејќи на областа во северен Израел. Тој исто така тврди дека Израел ќе преземе решителна акција против секоја закана.
Само неколку часа пред да бидат истрелани ракетите кон Израел, шест лица загинаа во израелските напади во јужен Либан. Израел тврди дека нападите биле цел на оперативци на Хезболах.
Либанската национална новинска агенција (ННА) објави израелско артилериско гранатирање на селото Хиам, кое е на пет километри од израелската граница. Цел на гранатирање била и граничната заедница Кфар Кила, а според ННА, израелската армија наводно спроведувала операција и во областа Хамамес, каде се слушнало пукање.