Бугарскиот претседател Румен Радев на социјалната мрежа Икс напиша дека Бугарија ја споделува болката на граѓаните на Република Северна Македонија за пожарот во Кочани, во кој загинаа и беа повредени многу луѓе и дека е спремна да помогне.
Шефот на бугарската држава разговарал со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и изразил сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски.
– Во контакт сум со премиерот Жељазков и Бугарија е подготвена да пружи медицинска помош – изјави Радев.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Икс изрази сочувство за загубените животи и подготвеноста на Грција да помогне по трагедијата во Кочани.
„Искрено сочувство до народот на Северна Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време“, напиша Мицотакис.
Претходно, подготвеноста на Грција да обезбеди секаква неопходна помош, вклучително и спасувачки тимови и медицинска помош, изрази министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во телефонскиот разговор со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.
Трагедијата во Кочани претпладнево е главна вест во медиумите во Грција.