Рускиот претседател Владимир Путин предложи привремена украинска влада предводена од Обединетите нации да организира нови избори, пишува „Гардијан“. Неколку часа подоцна Кремљ појасни дека Путин не ја покренал оваа идеја во неодамнешните телефонски разговори со Доналд Трамп.
– Под покровителство на Обединетите нации, со Соединетите Држави, дури и со европските земји, и, се разбира, со нашите партнери и пријатели, би можеле да разговараме за можноста за воведување привремено управување во Украина – изјави рускиот лидер за руската државна телевизија во петокот наутро.
Путин смета дека идејата ќе биде да ѝ се дозволи на Украина да „одржи демократски избори, да донесе на власт одржлива влада која ја ужива довербата на народот, а потоа да започне преговори со нив за мировен договор“, иако тој подоцна изјави дека тоа е само „една од опциите“.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа ги отфрли коментарите на Путин, велејќи дека владеењето во Украина е определено со нејзиниот устав.
Забелешките доаѓаат во време кога и Москва и Киев генерално се согласија за 30-дневно примирје во Црното Море и за 30-дневно ненапаѓање на енергетската инфраструктура.
Сепак, двете страни меѓусебно се обвинуваат за напади. Од едната страна портпаролот на Кремљ изјави дека Русија го задржува правото да отповика ангажманот во договорениот мораториум за напади врз енергетските објекти на Украина.
Од другата страна, Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека украинската армија строго се придржува кон договорите со меѓународните партнери, но дека Москва го крши договореното напаѓајќи украински енергетски постројки. Генералштабот соопшти дека во врска со ова ќе побара реакција од партнерите на Украина.