Рускиот претседател Владимир Путин не е меѓу имињата наведени од Кремљ во списокот на лица кои треба да присуствуваат на мировните преговори за војната во Украина во Истанбул денеска, и покрај повиците од украинскиот претседател Володимир Зеленски тој да присуствува. Составот на руската делегација што ќе отпатува во Турција на преговори со Украина е објавен на официјалната веб-страница за правни информации на Русија.
Делегацијата ќе ја предводи помошникот на Путин, Владимир Медински. Во делегацијата се и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Главната дирекција на Генералштабот Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
На списокот на експерти што учествуваат во руската делегација се заменик-началникот на информатичката служба на Генералштабот Александар Зорин, заменик-началникот на претседателската администрација за државна политика и хуманитарни прашања Елена Подобреевска, директорот на Вториот оддел за земјите од ЗНД при руското Министерство за надворешни работи Алексеј Полшчук и заменик-началникот на Главната дирекција за меѓународна воена соработка на Министерството за одбрана Виктор Шевцов.
Владимир Медински ја предводеше и руската делегација на претходните преговори со Украина во Истанбул во март 2022 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп нема да патува во Турција за да учествува на претстојните разговори меѓу Русија и Украина, изјави американски функционер. На состанокот ќе присуствуваат државниот секретар Марко Рубио и специјалните пратеници Стиф Виткоф и Кејтр Келог.
Функционерот го објави ова откако рускиот претседател Владимир Путин го објави списокот на учесници во руската делегација за преговорите, во кој не е вклучен самиот руски лидер. Трамп ја разгледуваше идејата да патува во Турција доколку Путин пристигне на разговорите, но рускиот претседател одлучи да не учествува во денешните дискусии во Истанбул.