Со пригодна свеченост што се одржа вчеравечер беше пуштено во употреба реконструираното спортско игралиште на булевар „Туристичка“, во станбениот комплекс на влезот во Охрид.
Игралиштето кое е реконструирано со поддршка на општествено одговорната компанија „Моцарт“ ќе го носи името на познатиот охридски фудбалер Гоце Толески.
Пред присутните гости на настанот, свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.
-Навистина ми претставува посебно задоволство и чест да бидам дел од овој пригоден настан за свечено пуштање во употреба на уште едносовремено и целосно реконструирано спортско игралиште во нашиот град.
Спортската инфраструктура е основаза градење на здрава заедница. Без соодветни спортски терени, нема услови за развој на спортскиот потенцијал кај младите.
Секој нов квадратен метар од спортска површина, не носи чекор поблиску до здрави генерации. Колку повеќе вложуваме во спортските капацитети, толку повеќе вложуваме во спортската иднина на нашите деца.
Ова игралиште под отворено небо, ќе биде место каде што децата ќе учат на победа и пораз, дисциплина и пријателство. Ова ќе биде простор каде што ќе се градат нови спортски соништа.
Оваа можност ја користам да упатам, голема благодарност до општествено одговорната компанија „Моцарт“, чија инвестиција е позитивен пример како бизнис секторот може да даде свој придонес во локалниот развој.
Општина Охрид ќе продолжи и понатаму да дава голема поддршка на спортот, спортските клубови и новите спортски надежи, со една единствена цел, Охрид да биде град кој ќе слави големи спортски успеси и ќе се гордее со врвни спортски имиња.
Посакувам ова игралиште да биде место на многу насмевки, позитивна енергија и место каде што ќе се изградат нераскинливи спортски другарства, истакна Пецаков.
Игралиштето беше официјално отворено со натпревар во мал фудбал помеѓу екипите на „Некст левел“ и „Еуро фудбал“.