Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се во мисија да ја спасат галаксијата од самите себеси.
Режијата е на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев.
Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин.
Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Филмот кој е најголемиот анимациски копродукциски проект на Балканот, е изработен со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
„Јон Вардар против галаксијата“ досега беше прикажан на фестивалите „Ситџес“ во Шпанија, „Киненова“ во Македонија и „Мостра Сао Паоло“ во Бразил, а во наредните недели ќе биде прикажан на три престижни фестивали – Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Silk Road International Film Festival) во Кина, Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (SCHLiNGEL International Film Festival for Children and Young Audiences) во Германија и Галактички Имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија.
„Silk Road International Film Festival“ е еден од најголемите културни настани во Азија и вистинска раскрсница на светските кинематографии. На неговите досегашни изданија учествувале големи имиња како Лук Бесон, Асгар Фархаади, Софи Марсо. Амос Гитаи и Џеки Чен.
Со своето 30-то јубилејно издание, SCHLiNGEL е еден од најголемите и најзначајни европски фестивали за детски и младински филм. Таму се прикажуваат внимателно селектирани остварувања што ја слават креативноста и разновидноста во светското детско кино.
Романскиот Galactic Imaginarium пак, се одржува во Тимисоара и е специјализиран фестивал за фантастика и научна фантастика.
– Неверојатно е чувството да видиш како една македонска приказна за помалку од две недели патува од Кина, преку Германија, па сè до Романија. Овие три фестивали се различни по својот карактер – еден е светски гигант, другиот е европска институција за детска публика, а третиот е специјализиран за фантастика. За мене тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик. Се надевам дека публиката насекаде ќе ја почувствува истата радост и возбуда како и ние кога го создававме, вели режисерот Гоце Цветановски.
Од екипата на филмот најавуваат дека во октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции и дека меѓународното патување на „Јон Вардар против Галаксијата“ продолжува.
„Јон Вардар против Галаксијата“ досега е прикажан на голем број фестивали ширум светот, а освои и две меѓународни награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор. Во август филмот имаше премиера и на 11. издание на Bakunawa Film Festival во Манила, Филипини.