По 8 години, Македонија ја доби Националната стратегија за развој на ИКТ, позната како СМАРТ/МК2030 која е патоказ како државата ќе ја оствари дигиталната иднина.
СМАРТ/МК2030 е национален документ усогласен со Европската дигитална декада и Агенда за развој.
– Овој документ претставува патоказ за тоа како нашата држава ќе ја оствари својата дигитална иднина – усогласена со европските вредности и стандарди за Дигитална декада 2030, но и македонската визија за нашите домашни потреби – рече денеска министерОТ за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Стратегијата се темели на четири столба – ИКТ инфраструктура, дигитални компетенции (дел во кој се предвидува до 2030 година најмалку 70 проценти од населението да има дигитални вештини), Е-владење и јавни услуги и вештачката интелигенција како четврти столб.
Тој на прес-конференција во Владата посочи дека „СМАРТ/МК 2030“ е национален документ, дел од поширока европска дигитална агенда за развој. Како земја кандидат за членство во ЕУ, Македонија ја прифаќа рамката на Европската дигитална декада, која предвидува четири цели до 2030 година: дигитално обучени граѓани и квалификувани ИКТ експерти, безбедна и поврзана инфраструктура, дигитализирани јавни услуги, дигитално интегрирани бизниси.
– Нашата стратегија директно ги следи овие европски приоритети. Таа ја зајакнува институционалната конвергенција со земјите членки, создава можности за учество во европските дигитални програми и овозможува пристап до финансиски инструменти и техничка помош од Европската Унија. Со неа стануваме активен дел од Европската дигитална заедница – како партнер што придонесува со сопствени знаења, решенија и иновации – рече Андоновски.
Министерот истакна дека стратегијата е придружена со Акциски план, кој ја претвора визијата во конкретни чекори. Фокусот е на брза имплементација, јасни индикатори и континуирана евалуација.
– Современата дигитална држава почнува со стабилна инфраструктура, нашата цел е секое домаќинство и секоја институција да имаат пристап до гигабитна мрежа и 5Г поврзаност по достапни цени. Со тоа ќе се затвори дигиталниот јаз меѓу градските и руралните средини и ќе се создадат услови до еднаков пристап до дигитални услуги и знаење. Во партнерство со приватниот сектор ќе се поттикнат инвестиции во оптички мрежи, центри за податоци и платформи за облак, што ќе биде основа за поголема интероперабилност, безбедност и за дигитална доверба – нагласи Андоновски.
Тој додаде дека оваа стратегија е резултат на широк инклузивен процес кој траеше повеќе од една година, се одржаа десетици јавни расправи и онлајн консултации, а во нејзината подготовка беа вклучени над 300 експерти, институции, стопански комори, невладини организации, универзитети и претставници од ИКТ индустријата.
На прашањето дали со оваа стратегија ќе може да се очекува да се намалат цените на интернетот во земјава, тој вели дека очекува да расте квалитетот на услугата и дека ќе се разговара со компаниите за да се обезбеди интернет по пристапни цени.
– Со оглед на тоа дека се зголемува и бројот на оператори коишто нудат Интернет, и брзината со која што се нуди интернетот, планот на инвестиции во инфраструктура што ќе значи оптика до поголем дел од градовите и до најголем број од домаќинствата, очекувам да расте квалитетот на услугата, а цената оваа базична услуга да се намалува. Ние ќе дискутираме со компаниите да обезбедиме Интернет по пристапни цени и не ја исклучуваме можноста како што имаме пакети за мобилна телефонија за најранливите категории, такви пакети да имаме и за интернет. Но прво ќе работиме на пристапност, сакаме да имаме брз и супер брз Интернет, да биде достапен во секој од градовите, а потоа ќе работиме на покривање на тој социјален јаз којшто може да се појави – одговори Андоновски.