Во рамките на општинската програма „Деца сме на Климента“, денеска во големата сала на Општина Охрид се одржа свечената промоција на книгата „НУ Библиотека ‘Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“ од м-р Милчо Јованоски, во издание на Библиотеката и со поддршка на Општина Охрид.
Во името на Локалната самоуправа присутните ги поздрави советничката во Советот на Општина Охрид, Наташа Попоска Карче која упати срдечни честитки до авторот и го истакна значењето на неговиот труд.
Книгата беше промовирана од проф. д-р Зоран Тунтев, кој одржа обемна, детална и исклучително пофална реч, ставајќи акцент врз значењето на делото, трудољубивоста на авторот и вредноста на новите истражувања. Во своето излагање професорот истакна дека книгата претставува значаен придонес во современото проучување на Прличев и книжевната историја на Охрид.
Пред присутните се обрати и директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска, која исто така ја нагласи важноста на овој проект за институцијата и за градот. Таа најави дека како продолжение на ова издание ќе биде и документарниот филм посветен на Прличев, кој се подготвува и ќе биде премиерно прикажан во рамки на културната манифестација „Прличеви Беседи“.
Авторот м-р Милчо Јованоски во своето обраќање пред присутните се заблагодари за поддршката и истакна дека му претставува исклучителна гордост и чест да работи на вакви проекти и тоа што оваа промоција е дел од програмата за одбележување на патронот на градот, Свети Климент Охридски. Јованоски објасни дека во ова издание се обединети најновите истражувања поврзани со животот и делото на величествениот охридски поет и преродбеник Григор Прличев.
Оваа книга е прва од ваков вид во издание на Библиотеката и паралелно е напишана на македонски и англиски јазик. Паралелниот англиски превод на текстот е изработен од д-р Габриела Неделкоска. Книгата е замислена како мал туристички водич за Охрид и ќе биде наменета за странските гости на Библиотеката и градот, но и за сите љубители на охридската културна ризница.
Во рамки на промоцијата на книгата од страна на Библиотеката „Григор Прличев“ беа доделени благодарници на соработниците и поддржувачите на институцијата и сите оние кои го помогнале објавувањето на ова дело.
Пригодната свеченост беше збогатена со музички точки во изведба на учениците од ОУМУ „Методи Патче“.
Tagged as:
„Вчера ДЕНЕС И УТРЕ“ ОД М-Р МИЛЧО ЈОВАНОСКИ ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „НУ БИБЛИОТЕКА ‘ГРИГОР ПРЛИЧЕВ’
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
