Можноста Унгарија да купи удел во руските нафтни компании што се под санкции била дел од разговорите меѓу унгарскиот премиер и рускиот претседател во Москва, потврди потпретседателот на руската влада, Александар Новак. Според Новак, овие преговори се одамна отпочнати, но мора да се одвиваат „без медиумска врева“.
– Таква тема постои и се разгледува. Унгарија е наш сигурен партнер во енергетиката со години. Унгарските партнери веќе работат во тој правец, но сè зависи од бизнис-разговорите. Затоа целиот процес треба да оди тивко, без медиумска врева – изјави Новак за руските медиуми.
Состанокот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан траел речиси четири часа. Според изворите, снабдувањето на Унгарија со гас и нафта било едно од главните прашања. На разговорите учествувал и Новак, кој потврдил дека партнерството меѓу Москва и Будимпешта во енергетиката останува стабилно и покрај санкциите.
Притоа, шефот на кабинетот на Орбан, Гергељ Гуљаш, објаснил дека се разгледува можноста унгарската компанија МОЛ да купи удел во српскиот НИС, во кој доминантен сопственик е руската компанија Газпромњефт.
– Ако се постигне договор, тоа ќе биде нормална пазарна операција, но преговорите се во рана фаза – нагласил Гуљаш, пренесува Ројтерс.



























