Приведени се две лица кај кои се пронајдени 4,5 килограми кокаин. За нив е побаран притвор и куќен притвор, информираа денеска од Јавното обвинителство.
„Како резултат на материјалните и видео докази, обезбедени при претресите во акцијата што под раководство на јавен обвинител беше спроведена на 18 и 19 јануари годинава, во текот на денешниот ден од слобода се лишени две лица. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет на психотропни супстанци и прекурсори’“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Од екстрахираните податоци, истражителите од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, дошле до докази дека првоосомничениот, кој бил приведен во Гевгелија, сокрил 3,5 килограми кокаин во бункер во патничко моторно возило.
„Воедно, како резултат на доказите, побарани се и извршени претреси на дом кај приведените лица и притоа е пронајден уште еден килограм кокаин. Јавниот обвинител за двете лица донесе наредба за истрага, а од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, побара притвор и куќен притвор“, појаснуваат од Обвинителството.
Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност, преку својот Фејсбук профил објави фотографии од запленетата дрога.
„Откриени и одземени над 4 килограми кокаин од групата на Штекли. Упорноста и професионализмот се клучни за успешната истражна работа. Во координација со Јавен обвинител, продолживме со активностите против криминалната група на Штекли, и при дополнителни дејствија, по само нецел месец од разбивањето на групата, повторно е пронајдена и одземена дрога од истата криминална банда. Продолжуваме со нашата посветеност во борбата со недозволена трговија со дрога. Нема непобедливи криминални структури – тоа го потврдуваме со секој нов успех и го разбиваме митот за непобедливоста на одредени поединци“, напиша Јанев.