Македонија и денес се буди со чад во воздухот. Според последните информации на Центарот за управување со кризи, на територијата на државата во изминатите 24 часа биле регистрирани вкупно 28 пожари на отворено, од кои три се сè уште активни, пет се под контрола, а дваесет се изгаснати.
Најсериозната состојба останува на планинските предели помеѓу Василево, Радовиш и Берово, каде пламенот зафати нискостеблеста шума, смреки и густа вегетација. Оддалечената и тешко пристапна локација ја отежнува интервенцијата на терен. Истовремено, во Прилеп, селото Бешиште и ридот познат како Бешишки Рид се соочуваат со пожар кој се шири во неколку насоки – кон селото Градешница во Општина Новаци и опасно се приближува до границата со Грција. Интервенцијата таму е суспендирана поради серија детонации, што дополнително ја усложнува ситуацијата.
Третиот активен пожар беснее меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен кај Прилеп, со ширење и кон територија на Кавадарци, вклучувајќи ги Галиште и Трстеник. Овој фронт зафати мешана шума и ниска вегетација, и покрај напорите, огнот сè уште не е локализиран.
Од друга страна, пет пожари се ставени под контрола, но не се целосно изгаснати. Меѓу нив се шумските подрачја околу селата Грешница и Црешево во Македонски Брод, каде деградираната дабова шума и ниската вегетација се покажаа како силно запаливи. Истиот епилог го имаат и пожарите во околината на Штип и Карбинци, како и борова шума кај Ќосевица во Македонска Каменица.
Добрата вест е дека 20 пожари се успешно изгаснати, иако дел од нив биле заканувачки. Најкритично беше во Кумановско и Старо Нагоричане, каде огнот се приближуваше до куќи во неколку села, но со координирана акција пожарот беше спречен. Слични ситуации беа пријавени и во Прилеп, Кичево, Струга, Охрид, Сарај и Бутел, но интервенирано е навремено.
Пожари беа пријавени и на градска депонија во Делчево, на гробишта во Струмица, како и на стрништа, ниви, па дури и корени од домати, што говори за разновидноста и сериозноста на проблемот кој ја зафати целата држава.
Институциите апелираат на крајна претпазливост, една искра е доволна за нова катастрофа.