Во организација на здружението АРНО, се одржа настанот „Иновативна зелена економија преку македонски примери“, кој имаше за цел да ги презентира иновативните идеи на македонските организации Ековита, Јавор Зрновци и Ино Тех Клуб. Овие организации, во рамките на грантовата шема на проектот ЕИЦЕЕ (Екосистем за иновации и развој на циркуларна економија во Западен Балкан), имаа можност да создадат прототипи на македонски зелени производи.
Во воведниот дел, Ирина Јаневска од АРНО истакна дека проектот ЕИЦЕЕ претставува стратешка иницијатива за воспоставување на мрежа за циркуларна економија.
Покрај подготовката на национални извештаи и научни трудови за јавни политики, клучниот придонес на проектот е создавањето на уникатна регионална инфраструктура. Мрежата вклучува: „I2 Makerspace“ во Подгорица за еко-дизајн и 3R решенија, центар за рециклирање електронски отпад во Пеќ, „Дели центар“ во Ниш за еко-дизајн и производи од глина, како и „Matchmakers Center“ во Сараево за поврзување на зелените производители со индустријата. Во рамки на оваа мрежа, во Скопје е основан Центарот за поправки „Ништо ново“ како регионален хаб за едукација, поправки, пренамени и платформа за поддршка на импакт претпријатија.
