Градоначалникот Кирил Пецаков денеска оствари средба со стручна делегација од областа на противпожарната заштита од Австрија, составена од Петер Логар, проект менаџер на Програмата за поддршка на тиролската противпожарна бригада и Јоханес Пап, Заменик командант на Покраинската противпожарна бригада на Тирол, Сојузна покраина на Австрија.
На средбата присуствуваа претставници на Противпожарната единица од Охрид при што беше извршена Презентација на Планот за противпожарна заштита на Општина Охрид и Дебрца.
Во рамки на презентацијата беше опфатено подрачјето на делување на противнпожарната единица, противпожарната опрема и капацитетите на возниот парк, како и кадровските потенцијали за делување на терен. Во дискусијата беше потенцирано дека во Општина Охрид има неколку критични точки за делување, а тоа е Стариот град, Централното градско подрачје и крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот кон Свети Наум.
Беше потенцирано дека Противпожарната служба со 39 вработени, во текот на 2023, 2024 и 2025 година имала вкупно 1280 интевенции од различен карактер и дека има потреба од дополителни кадровски потенцијали особено во периодот на летните месеци.
Во тој контекст беше потецирана и потребата од активна волонтерска служба за противпожарна заштита, која треба да биде соодветно опремена за делување при поголеми пожари во Охридскиот регион. Стана збор и за доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“ кое брои 25 лица и веќе активно делува во Охрид.
Беше разговарано и за донацијата на едно противпожарно возило која е веќе обезбедена за ова противпожарно друштво, како и за можни идни проекти за дополнителна опрема и обуки за волонтерската единица преку Канцеларијата на државните власти од Тирол, Австрија во соработка со Општина Охрид.
Градоначалникот изрази големо задоволство од посетата на австриската делегација, со надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.