Топ Вести - Слушај сега
Сè уште нема конкретно решение за олеснување на шенгенското правило за престој 90 во 180 на превозниците од Западен Балкан, а на транспортните компании поради правилото им снемува возачи. Тие бараат ЕУ и земјите од Западен Балкан итно да договорат преодно решение кое ќе им овозможи на превозниците нормално да функционираат додека не стапат на сила измените на визната стратегија во ЕУ.
Билјана Муратовска, генерална секретарка на македонската транспортна асоцијација Макам-транс вели дека процесите треба да се забрзаат и она што Европската унија го понудила како решение во измените на визната стратегија да стане реалност за превозниците.
– Она што го баравме е прифатено – возачите на камиони да бидат прифатени како професионалци, не како туристи, но потребно е време во Европската Унија целосно да се реши проблемот на превозниците од Западен Балкан. Процедурите за усогласување и прифаќање на измените на визната стратегија се подолги во Унијата поради големиот број земји кои треба да дадат свое мислење и да ги прифатат измените, па потоа да се гласа низ телата на ЕУ. Затоа е договорено да се формира работна група која ќе најде привремено решение за проблемот – вели Муратовска.
Таа додава дека групата досега имала два состанока, а нов е закажан за две недели и очекува да се договори преодно решение кое ќе биде прифатливо за превозниците.
– Во меѓувреме ние како асоцијација на превозниците не запираме со активностите. Испративме писмени дописи до амбасадите на секоја земја од ЕУ, до сите комори во земјава и до евроамбасадорот Михалис Рокас со барање да се забрза процесот. Очекуваме да се предложи некаков модел на виза која ќе им овозможи на возачите полесно да се движат низ Шенген зоната. Во дописите бараме и да се забрза процесот на воведувањето на новите измени на визната стратегија на ЕУ за да не се случи превозните компании да останат без возачи, па проблемот да се прелее и кај компаниите кои извезуваат во ЕУ – вели Муратовска.
До ново привремено или трајно решение, објаснува таа, на сила е правилото за престој 90 во 180 на кое превозниците се усогласуваат додека можат.
– Ако се продолжи со сегашната политика, мислам дека нема да има потреба превозниците повторно да ги блокираат границите, бидејќи, како што и многупати досега кажав, поради немање возачи превозниците ќе запрат со превозот, а ЕУ сама ќе се блокира. Последиците нема да ги трпат само превозните компании, туку и останатите компании, па и граѓаните како во Европа, така и во земјите засегнати со проблемот. Затоа е и нашето барање процесите да се забрзаат, а коморите и странските компании во земјава да лобираат во своите земји, во асоцијациите и во ЕУ да се изнајде и да се применува преодното решение – вели таа.
Превозниците, додава таа, не бараат нешто што не може да се овозможи, туку само бараат да се олесни пристапот до пазарот на транспорт за кој како превозници веќе имаат потпишано билатерални договори со сите земји.
– Несфатливо е тоа што Европската Унија не ги усогласи дозволите за пристап до пазарот на транспорт и визите, па сега го имаме овој проблем. Дополнително, намерно или не, проблемот е направен при изземањето на патните превозници од регулирањето на статусот на останатиот превоз – бродскиот и авионскиот – вели Муратовска.
Комисијата, според изјавите на претставниците од другите балкански земји, досега разгледувала пет предлози и преодно решение, но основа на сите е возачите да не се апсат и депортираат, како досега од одредени земји, кога ќе го надминат дозволеното времетраење на престојот во таа зона, туку да им се дозволи да го завршат превозот на товар што го започнале.
Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора во периодот од 26 до 30 јануари, ги блокираа премините за товарен сообраќај поради строгите правила на ЕУ за престој во Шенген зоната.
Тие ги прекинаа блокадите на товарните премини откако Европската комисија почна да ја разгледува можноста за воведување специјални визи за професионалните возачи на камиони, што би им овозможило да останат подолго во земјите од ЕУ и непречено да ја извршуваат својата работа.
Во предложената стратегија на Европската Унија за визи, чија работна верзија беше презентирана на 29 јануари во Брисел, се наведува дека професионалци од трети земји, како што се возачи на камиони, уметници на турнеи, спортисти кои присуствуваат на спортски настани, експерти кои работат на прекугранични проекти, работна сила што ги поддржува индустриите и услугите на ЕУ, имаат потреба да останат во ЕУ подолго од дозволениот лимит, без намера за трајно населување.
Новиот систем за влез и излез кој е проблематичен за превозниците, строго го ограничува престојот на возачите од земјите надвор од ЕУ на 90 дена во период од 180 дена, па поради природата на нивната работа, професионалните возачи многу брзо го достигнуваат овој лимит, по што им се заканува депортација или забрана за влез во ЕУ.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
