Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, од трибината „Се бориме за нашиот дом“ во Прилеп, му одговори на градоначалникот на Куманово и лидер на „За наша Македонија“, Максим Димитриевски, кој претходно побара јавен дуел со него.
– Слушам Максим Димитриевски, пиунот на Мицкоски, барал дуел со мене. Јас со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам – изјави Филипче пред насобраните граѓани.
Тој додаде дека граѓаните во Куманово веќе ги препознале, како што рече, измамите на Димитриевски и дека времето на предавството кон социјалдемократските вредности е завршено.
– Дали Максим се плаши дека е пуштен низ вода откако еднократно го искористија, тоа ли е стравот? Или пак стравот е затоа што е разоткриен од граѓаните кои ги излажа на претходните избори? Секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал – порача лидерот на СДСМ.
Филипче го обвини Димитриевски дека ја злоупотребува власта и дека неговото владеење во Куманово е исполнето со, како што рече, криминал, шурување со ДУИ и лични интереси.
– Се сместија тој и неколкумина околу него удобно во Влада и заборавија на ветувањата. Шуруваат со ДУИ, прават криминал во Куманово, а ветувањата за правда испарија. Затоа граѓаните ќе ги казнат на овие избори – истакна Филипче.
На крајот, тој порача дека Димитриевски ќе мора да се соочи со институциите, а не со него.
– После сите афери и сомнежи за станови, за парцели, ќе треба да се спреми за дуел со правдата, обвинителството и судството – рече Филипче.