Сирискиот претседател Ахмад ал-Шара изјави дека неговата влада води индиректни преговори со Израел преку посредници за да се стави крај на израелските напади врз сириска територија.
„Индиректни преговори (со Израел) се водат преку посредници за смирување и контролирање на ситуацијата, за да не дојде до точка каде што двете страни ќе ја изгубат контролата“, рече Ал-Шара на прес-конференција во Париз.
Тој додаде дека Дамаск се обидува да разговара со сите земји што се во контакт со израелската страна, со цел да изврши притисок врз Израел да престане да се меша во внатрешните работи на Сирија.
Ал-Шара рече дека главната цел на преговорите е почитување на договорот за одвојување на силите од 1974 година, кој беше постигнат под покровителство на Обединетите нации, и повлекување на израелските сили на линијата на демаркација дефинирана со тој договор, што би овозможило враќање на мировните сили на ОН. Таа линија ја одделува територијата на Сирија од Израел и Голанската Висорамнина, која Израел ја освои во војната во 1967 година.
Од падот на режимот на поранешниот претседател Башар ал-Асад во декември, Израел го прошири своето присуство на сириска територија и изврши повеќекратни напади, тврдејќи дека се стреми да спречи обнова на воените капацитети и да ги елиминира милитантните закани за неговата безбедност. Иако првично беше најавено како привремена мерка, израелските власти сега наведуваат дека војската ќе остане во Сирија на неодредено време.
Израел прогласи безбедносна зона во јужна Сирија со цел, како што тврдат, да ги заштити Друзите, а израелската полиција во среда потврди дека граничните единици за прв пат се распоредени на сириска територија.
„Израелските интервенции го кршат договорот од 1974 година. Откако пристигнавме во Дамаск, им ставивме до знаење на сите релевантни актери дека Сирија е посветена на почитување на тој договор“, рече Ал-Шара.
Ројтерс во средата објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека Обединетите Арапски Емирати воспоставиле таен канал за преговори меѓу Сирија и Израел, фокусиран на безбедносни и разузнавачки прашања и мерки за градење доверба. Ал-Шара беше во ОАЕ минатиот месец.
Сепак, Лана Нусибех, помошничка министерка за надворешни работи на ОАЕ за политички прашања, остро ги негираше тврдењата дека Емиратите посредуваат во преговорите меѓу Сирија и Израел.
„Тврдењето дека ОАЕ „посредуваат во тајни преговори“ меѓу Сирија и Израел е целосно лажно. ОАЕ не се дел од такви разговори“, рече Нусеибех, според Си-Ен-Ен.