Престолонаследникот на Дубаи, шеикот Хамдан бин Мохамед бин Рашид ал-Мактум денеска потпиша договор за изградба на проектот Дубаи Луп (Dubai Loop – брза транспортна мрежа) со Боринг компани (Boring Company), компанија за инфраструктура и тунелски услуги на Илон Маск.
Договорот меѓу Управата за патишта и транспорт на Дубаи и компанијата на Маск предвидува капацитет за превоз на 160.000 патници на час и должина на рутата поголема од 100 километри.
Во почетната фаза на проектот е предвидена изградба на транспортниот систем „Луп“ што ќе има 11 станици и тунел долг 17 километри и ќе превезува над 20.000 патници на час.
Последната фаза на брзата транспортна мрежа ќе биде подземен систем од нова генерација што ќе користи одржливи и иновативни технологии за безбедно и ефикасно транспортирање патници преку системот Луп на Боринг компани, што веќе превезува повеќе од 2 милиона патници во Лас Вегас, САД, од 2021 година.
Системот Дубаи Луп ќе ги поврзува клучните локации во Емиратите.
Илон Маск претходно ги потврди плановите за партнерство со Дубаи за развој на проектот додека зборуваше на самитот на светските влади, преку видео врска, во четвртокот.
Футуристичкиот транспортен систем ќе ги поврзе главните центри низ Дубаи, намалувајќи го времето на патување помеѓу клучните точки во емиратот на само неколку минути.
Компанијата Боринг е основана во 2017 година од Илон Маск, во потрага по револуционерни транспортни решенија.