Премиерот Христијан Мицкоски најави иницијатива за распуштање на Судскиот совет, која ќе ја поднесат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
На својот профил на Фејсбук тој напиша дека на државата и на граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и со сериозни промени, наспроти досегашните пракси на злоупотреби, кои имаат пуштено длабоки корени во системот.
„Македонија мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое ја држи заробена и заложник и е причина за нејзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македонија мора да победи!“, напиша Мицкоски.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма најави дека една од мерките за враќање на довербата на граѓаните во правосудството ќе биде распуштање на Судскиот совет, како и носење на нов закон за оваа висока судска институција.