Премиерот Христијан Мицкоски на состанокот со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Брисел ги повторил владините единствени позиции за кои вели дека се достоинствени после „сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, во изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија.“
– Имавме пријателски и би рекол прилично продуктивен состанок, едноставно сето она кое што претставува наш приоритет е и приоритет на господинот Кошта. Покрај приближувањето кон ЕУ и отпочнувањето на преговорите, имаше уште неколку проекти кои што се за нас стратешки важни, тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон соседно Косово. Понатаму, тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што нашата македонска Влада ќе го има со Европската комисија, а се однесува на проектите кои што треба да ги реализираме во Кочани и во кочанскиот регион. Сè на сè, можам да кажам дека имавме исклучително успешна и продуктивна средба – рече Мицкоски.
Тој во текот на денот ќе има и други средби во Брисел, а ќе вечера со комесарката Марта Кос од која се надева дека ќе слушне позитивни вести.
Првата средба меѓу Мицкоски и Кошта била точно пред една година кога Кошта бил избран за претседател на Европскиот совет.
– Од тогаш до денеска негуваме навистина пријателски и искрени односи. Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба. Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите – додаде Мицкоски.



























