Социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама убедливо води на парламентарните избори, по отворањето на првите гласачки кутии, објави утрово „Албански пост“, повикувајќи се на податоци објавени од Централната изборна комисија (ЦИК), кои се однесуваат на првите 1.038 гласачки кутии отворени низ цела Албанија, од вкупно 5.225.
Според податоците објавени од ЦИК, Социјалистичката партија успеа да добие 53,26 проценти од гласовите на вчерашните избори, пренесува Танјуг.
Според проекциите на албанскиот весник, Социјалистичката партија веројатно е на добар пат за четврти мандат, со оглед на тоа што убедливо води и има предност во повеќето области во земјата, откако се отворија првите гласачки кутии.
Од друга страна, Демократската партија – Алијанса за Голема Албанија, според податоците на ЦИК, досега има освоено 33,92 проценти од гласовите, што ја рангира како втора политичка сила.
Социјалдемократската партија освои 3,79 проценти од гласовите, а по неа следува Коалициската иницијатива со 3,51 процент.
Гласањето на парламентарните избори во Албанија заврши синоќа во 19:00 часот, кога беа затворени избирачките места.
Според најновите податоци од Централната изборна комисија, излезноста била 41,41 проценти. Вкупно 3,7 милиони граѓани имаа право на глас, а за прв пат во гласањето учествуваше и дијаспората.
Вкупно 2.046 кандидати, или 186 кандидати од секоја изборна единица, се натпреваруваа за 140 места во парламентот.