Пратениците од власта денеска поднесоа предлог закон за издавање на вредносни ваучери за студенти, соопшти Сергеј Попов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Ваучер од 15.300 денари (250 евра) за купување таблет или компјутер ќе може да добие секој студент на додипломски студии, редовен или вонреден, на државен или на приватен факултет, на возраст до 29 години.
– Со предлог законот се предлага издавање на вредносни ваучери за обезбедување на персонален компјутер, таблет компјутер или лаптоп, пренослив компјутер, за потребите на редовните и вонредните студенти запишани на додипломски студии на сите високообразовни установи во државата. Оваа мерка е директен резултат на новите политики на ВМРО-ДПМНЕ за развој на Македонија – политика на конкретни решенија, а не на празни флоскули. Политика на реализација, а не на лаги и празни ветувања – рече тој.
Попов потенцира дека парите за оваа намена се обезбедени и веќе се дел од државниот буџет, а институциите се подготвени да помогнат во брза, транспарентна и ефикасна реализација на оваа мерка.
– Нашата цел е искрена и јасна, а не само декларативна: со дела и со проекти покажуваме дека секој студент мора да има еднаква шанса за пристап до модерно образование. Да учи, да твори, да напредува – за доброто на Македонија и идните генерации. Со гордост можам да ви ветам дека ова е само почетокот. Следуваат уште многу убави работи, мерки и проекти кои ќе помогнат во создавањето подобра и просперитетна иднина. Иднина, која ќе ја предводиме ние како млади луѓе, иднина за нас, но и за генерациите кои доаѓаат по нас – рече пратеникот Сергеј Попов.