Познатиот индиски бизнисмен и претседател на автомобилската корпорација „Сона Комстар“, Санџај Капур, почина од срцев удар на 53-годишна возраст за време на поло натпревар во Виндзор, Велика Британија.
Според првичните извештаи, Капур добил убод од пчела во пределот на устата, што можеби предизвикало анафилактичен шок и фатален срцев удар, објави „Дејли мејл“.
Трагичниот настан се случила на елитниот поло клуб „Гардс“, кој важи за еден од најпрестижните во светот и е тесно поврзан со британското кралско семејство. Клубот изрази длабоко сочувство до сопругата на Капур, нивните деца и до соиграчите, истакнувајќи дека целиот тим и управата се потресени од неговата ненадејна смрт.
Само неколку часа пред трагедијата, Капур на социјалните мрежи објавил порака на сочувство поради авионската несреќа на „Ер Индија“ во Ахмедабад.
„Страшна вест за трагичната несреќа на Ер Индија. Моите мисли и молитви се со сите погодени семејства. Нека најдат сила во овие тешки моменти“.
Санџај Капур беше позната фигура во индиската индустрија, предводник на електромобилниот сектор и активен член на повеќе бизнис-совети и здруженија. Под негово водство, „Сона Комстар“ стана глобален снабдувач со фабрики во Индија, САД, Кина, Мексико и Србија.
Капур беше оженет со Прија Сачдев, со која има син по име Азаријас. Претходно бил во брак со славната боливудска актерка Карисма Капур, со која има две деца.
Санџај Капур важеше за близок пријател со принцот Вилијам.
EPA PHOTO/EPA/HARISH TYAGI//