Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, предупреди дека во светот може да има до 25 земји со нуклеарно оружје.
– Без да сакам да ширам паника. роцесот на разоружување или контролирано намалување на нуклеарните арсенали е запрен“ – изјави Гроси за италијанскиот весник „Ла Република“ во статија објавена денеска.
Гроси забележа и дека оние кои поседуваат нуклеарно оружје произведуваат сè повеќе и повеќе од него, вклучително и Кина. Според експертот, загрижувачко е и тоа што сè почесто се зборува за тактичките нуклеарни напади и тоа што лидерите на неколку земји ја објавија својата намера да се здобијат со нуклеарно оружје.
Запрашан да ги именува кои се дваесетината земји кои поседуваат вакво оружје, Гроси рече:
– Како директор на МААЕ, не можам да кажам. Тие се важни земји во Азија, Мала Азија и Персискиот Залив. Свет со 20 до 25 нуклеарно вооружени држави е непредвидлив и опасен.
Според повеќе експерти, во моментов во светот има 9 нуклеарни сили, 5 членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, но и Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел. Овие 9 земји се споменати во извештајот на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI) и во информациите од Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ICAN).
Заедно, се проценува дека земјите поседуваат приближно 12.000 парчиња нуклеарно оружје, од кои Русија и САД имаат околу 10.700.