Серијата земјотреси кои го потресуваат архипелагот Додеканез трајно го менуваат изгледот на Санторини, еден од најубавите острови во Грција, кој се наоѓа во Егејското Море.
Најсилниот од 6.400 земјотреси кои го погодија овој регион од 26 јануари се случи синоќа и беше со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала.
Бројните земјотреси предизвикаа бројни лизгања на земјиштето, а еден од поголемите речиси целосно ја уништи познатата „Црвена плажа“, која е симбол на Санторини.
На социјалните мрежи се појавија снимки од плажата покриена со карпи кои излегле на брегот од блискиот рид. Недалеку од оваа плажа се наоѓа познат археолошки локалитет.
Локалните власти поставија лента и забележаа дека плажата е затворена, но и покрај тоа, некои од ретките туристи кои се уште се на островот доаѓаат и прават селфи.
Според грчките медиуми, повеќе од 10.000 туристи и локални жители го напуштиле Санторини од саботата кога наеднаш зачестија земјотресите.
Сеизмологот Герасимос Пападопулос, на социјалните мрежи коментираше дека земјотресот ја потврди неговата процена од изминатиот период дека „се наоѓаме во предземјотресна серија“.
– Големото прашање сега е: дали ова беше главниот земјотрес? Работиме интензивно и можеби ќе одговориме во текот на денот. Трпение! – напиша сеизмологот.
Директорот на Геодинамичкиот институт Василис Карастатис за државната телевизија ЕРТ, утрово рече дека сеизмичката активност продолжува со истото темпо како и претходните денови, интензивна е и со прилично висок број на земјотреси со јачина над четири степени, а оној од 5,2 степени, „суштински не ја менува целокупната слика“.
– Сè уште не сме во позиција да кажеме дека гледаме некаков податок што би довел до тоа дека серијата полека да се комплетира. Сè уште сме на средината на патот. Немаме видено никакво разретчување, некој знак дека се движи кон повлекување – истакна директорот на Геодинамичкиот институт.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од 26 јануари до 3 февруари, во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос имало над 6.400 земјотреси од кои 800 биле со јачина над 2,5 степени.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас на вчерашната информативна прес-конференција во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи предупреди за опасност од лизгање на земјиштето на Санторини поради зголемената сеизмичка активност на островот.
Додаде дека ја мапирале опасноста од лизгање на земјиштето и врз основа на овие податоци пет области со висок ризик: пристаништето и патната мрежа од пристаништето, делови од Иа (Армени и Амуди) старото пристаниште и жичарницата и населбата Корфу.
Според процените во Грција, во изминатите денови островот го напуштиле над 10.000 лица, а пред сè станува збор за работници кои на Санторини се во пресрет на новата туристичка сезона, но и локално население.
Од понеделникот училиштата на Санторини и соседните острови Иос, Аморгос и Анафи се затворени до крајот на седмицава, а до граѓаните постојат препораки да избегнуваат големи собири во внатрешноста на објектите; да избегнуваат пристап во напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во пристаништа Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште во Фира; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, поради опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.