Економските показатели во одредени сектори конечно покажуваат позитивни резултати. Ме радува тоа што по долго време податоците за домашниот бруто производ (БДП) покажуваат дека приватниот сектор е главниот двигател на економскиот раст во нашата земја, со особено значајно учество на градежништвото и земјоделството, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека растот денес не зависи од јавната потрошувачка, туку од активностите и инвестициите на приватните компании.
– Она што посебно ме радува и охрабрува е фактот дека приватниот сектор создава нови можности, инвестира во развој и ја стимулира продуктивноста на економијата. Градежништвото бележи забележителен раст, кој директно влијае на инфраструктурниот развој, а земјоделството, после долги години негативни резултати, покажува позитивна динамика два последователни квартали. Ова јасно покажува дека сме на правилната патека и дека остваруваме резултати согласно она што како влада сме го планирале – рече Димитриеска-Кочоска.
Според неа, и покрај предизвиците во јавниот сектор и пазарните ограничувања, приватните компании продолжуваат да ја стимулираат економијата, придонесувајќи за стабилноста и одржливоста на БДП.
– Особено ме радува што растот сега го генерира приватниот сектор, кој е моторот на економијата, а не јавната потрошувачка, како што тоа беше случај во минатото – рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката истакна дека Владата останува посветена на создавање услови за понатамошен развој на приватниот сектор.
– Ќе продолжиме да поттикнуваме бизнис средина, да вложуваме во инвестиции, иновации и нови работни места и да ја одржуваме фискалната дисциплина. Приватниот сектор, особено градежништвото и земјоделството, покажуваат дека се основниот двигател на економскиот раст и ние ќе продолжиме да ги поддржуваме со конкретни мерки и стратегии. Очекуваме дека оваа позитивна динамика ќе продолжи и во следните квартали, а Владата ќе остане фокусирана на зацврстување на економските основи, поддршка на бизнисите и создавање поволна клима за инвестирање – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа подвлече дека овие податоци за приватниот сектор се поттикнати и од поддршката која ја добија компаниите од унгарскиот кредит кој се реализира преку Развојната банка.