Во 2022 година како последица од енормно загадениот воздух 3.600 луѓе починале предвреме што е 16 отсто од вкупниот број починати во таа година, рече Татјана Чакулев од „О2 иницијатива“ на надзорната расправа во Собранието за аерозагадувањето.
Надзорната расправа ја организира собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Чакулев во своето излагање се осврна на негативните ефекти врз животот и здравјето на луѓето, по кои Македонија, како што рече, е на самиот врв во Европа. Зборувајќи за изворите на загадување, таа ги посочи горивата, загревањето, согорувањето, и индустријата.
– Заблуда кај нас е дека домаќинствата што се загреваат на дрва не загадуваат. Според пописот од 2021 година, на дрва се греат 40.000 домаќинства и затоа се потребни иновативни пристапи. Да се таргетираат изворите со што по неколку години ќе се забележат ефекти во справувањето со загадувањето – рече Чакулев.
Суспендираните ПМ10 и ПМ 2,5 честички, додаде таа, се класифицирани како канцерогени „без разлика што содржат во себе“.
– Тешките метали, што ги испуштаат индустријата, нафтата и мазутот, се исто канцерогени. Има разлика дали повеќе тешки метали ќе се вдишат и дали ќе се вдишат многу од канцерогените диоксини и фурани кои се ослободуваат од горење на отпад и кои, на пример, не мора да покажат покачување на ПМ честичките во воздухот. Но, ние можеме да осетиме огромна смрдеа која задушува – рече Чакулев.
Според неа, проблем е мониторингот и инспекцијата која треба да утврди дали е правилен монтиторингот врз индустријата. Како што рече, недостигаат вонредни инспекции во соработка со акредитирани лаборатории.
Игор Смилев од Здружението „Грин пауер“ и советник во Општина Велес ги наброи локалните проблеми од кои, рече, произлегуваат и глобалните проблеми во екологијата. Покрај тоа што има само 14 државни инспектори, Велес како и други општини немаат локален инспектор за животна средина. Според него, и кога има огласи, инспектори не се јавуваат „затоа што тоа значи пресметка со локалната еко мафија“.
Смилев соопшти и дека наместо две, сега во Велес има само една државна мерна станица за мерење на загадувањето.
Тој ги повика на одговорност сите политички фактори досега, од сите нивоа на власт за немањето желба, волја и идеи да се најде решение за деценискиот проблем.
– Убедливо сме најголеми рекордери по загадување на воздухот во Европа. Смртноста ќе ја намалиме само ако воведеме контролни механизми и ако имаме нулта корупција – рече Смилев.
Ана Петрова од Зелен институт и поранешен инспектор, во своето излагање се осврна на горивото што се увезува кое главно, доаѓа од Западна Европа и од Грција. Како што рече, „не знаеме какво гориво гориме“ и апелираше сите политички субјекти да се здружат, за да се анализира целата легислатива која ги регулира сите закони за да се воспостави протокол за контрола на квалитетот на горивата.
– Имаме порозна царина која има законско овластување да следи само сулфур во горивото, додека другите параметри треба да ги мери Пазарниот инспекторат. Но, тој не е надлежен да го мери квалитетот на царина, само на складиште и таму каде што се користи од возилата, но не и во јавните објекти и индустријата. Инспекторатот за животна средина не мери квалитет на гориво, туку често се задоволува со присуство на терен со испитување на документација, наместо со себе на вонредни надзори да води акредитирана лаборатории и да мери емисии – рече Петровска.
Државата заедно со индустријата, посочи таа, треба да одвојат пари за целосна реконструкција на производниот сектор, за да се направи револуција во заштита на воздухот. Таа ја посочи и одговорноста на локалната самоуправа.
– Општините и тоа како се одговорни за квалитетот на воздухот, бидејќи ако не повеќе, барем половина од инсталациите ги регулираат со давање дозволи и одобрување елаборати. Жално е што општините немаат локални инспектори, не сакаат да ги имаат, затоа што на тој начин ќе се замерат со оние кои донираат средства во нивната политичка партија за време на избори – рече Петровска.
Како поранешен директор на Државниот инспекторат за животна средина, таа посочи дека тој уште долго време нема да може да се екипира.
– За да се вработат нови инспектори, тие треба да имаат лиценци. А во моментов имаме четворица или петмина луѓе кои по грешка полагале за да добијат лиценца и воопшто немале намера да се ангажираат како инспектори. Оваа држава итно треба да вложи во мотивирање на луѓето да добијат лиценца за инспектор во животна средина. Понатаму, треба да се совладаат сите државни бариери што државата самата си ги поставува за да оневозможи вработување – рече Петровска.
На надзорната расправа претставник на „Екосвест“ се осврна на загадувањето од оџаците на РЕК Битола и емисиите од сулфур диоксид кои влијаат штетно на здравјето на луѓето, особено во зголемување на респираторните болести. Етапно преминување на РЕК Битола кон обновливи извори на енергија, рече тој, е еден од начините за надминување на проблемот.
Повика фокусот да се стави на енергетска ефикасност и на горивата што ги користат јавните институции и домаќинствата и сериозно да се размислат проектите за хидроцентрали, гасификација и за декарбонизација