Охрид, декември 2025 – Во атмосфера на длабока замисленост и неодлучност, Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Општина Охрид,под раководтсво на незаменлива советничка Ана Крстеска,комисија (позната и како „Оној одбор што не знаеме точно што прави 364 дена во годината”) конечно го заврши своето годишно ритуално барање на лауреати под Муренка.
„Кога немаш што да правиш, како да одлучиш, барај повелби под Муренка” – гласи неофицијалното мото на Комисијата што веќе години успешно ја практикува оваа древна охридска традиција на случајно избирање на лауреати.
Според наши неофицијални извори, процесот на селекција е исклучително комплексен:
Конкурсот, треба да се нагласи, постоеше. Беше објавен. Веројатно. Јавен беше, ама зарем мора сите да знаат за него? Демократијата има свои граници.
„Се објави транспарентно”, изјави еден член на Комисијата. „Го видовме ние. Тоа е доволно јавно, зарем не?”
Прашањето што мачи многумина е: Зарем мора да има одлука по секоја цена? Зарем не можеме една година само да кажеме „Ама знаете, годинава никој не ни се доpaдна, ајде следната”? Но не. Повелбите мораат да течат како Црн Дрим – постојано, понекогаш матно, и секогаш во иста насока.
Кој критериум, прашувате? Ајде да бидеме искрени:
„Ние имаме кристално јасни критериуми”, објасни претседателот на Комисијата. „Само што не можеме да ви ги кажеме бидејќи се… еее… класифицирани. Државна тајна. Култура, знаете.”
НУ „Завод и Музеј” Охрид – Ја освои наградата во категоријата „Најстара институција што сè уште не се урнала”. Со речиси 70 години постоење, Музејот конечно доби признание за тоа што успешно ги чува работите од 9 до 17 часот, пет дена во неделата (викендите не се броат, ами тогаш културата си одмора). Музејот е „наследник на најстарите музејски традиции во Европа” – формулација толку магловита што може да значи било што, од „имаме стари работи” до „постоиме од минатиот век”,а чуваме дивоградби врз археолошки локалитети во овој век.
Јорданка Матова – Добитничка на специјалната награда „Трипати Декада Издржливост”. Нејзините „бројни истражувања, изложби и научни публикации” конечно добија признание, иако Комисијата призна дека всушност не прочитала ниедна од нејзините научни трудови, ама „делува сериозно и едуковано”. „Повеќе од три децении” е, како што сметаме, што значи можеби 31 година, можеби 47, кој брои веќе.
„Силви Бенд” – Освои титула во категоријата „Најстаро брачно дуо што сè уште свири заедно без развод ПОД МУРЕНКАНА”. Нивниот „партципативен дух што ја надминува димензијата на естрадна забава” е комисиски код за „ни се допаѓа како пеат на свадби и не се многу скапи”. 35 години јубилеј – доказ дека музиката и бракот можат да преживеат ако има доволно добри озвучувања и ако двајцата партнери се согласат на истата тоналитетност.
Даниел Јовески – Доби награда во категоријата „Најмногу меѓународни награди што никој локално не ги знае”. Комисијата единодушно гласаше во негова корист откако некој покажа YouTube видео со 50.000 прегледи, што е, како што рекоа, „речиси вирално”. „Ја промовира македонската музичка сцена во регионот и пошироко” – што конкретно значи тоа, ниту Комисијата знае, ама звучи импресивно.
The Backdoor Band – Триумфира во категоријата „Најмногу настапи на места каде што никој не води евиденција”. Со преку 1500 настапи (или 1497, или 1502, кој брои веќе?), овој состав докажа дека волумот е поважен од прецизноста. Нивните 15 години на сцена се „редовно” исполнети со „бројни хуманитарни настани” – што е комисиски еуфемизам за „свират бесплатно кога ќе се замоли убаво и кога има ….”.
„Ова се трајни вредности”, изјави еден анонимен член на Комисијата додека чешеше глава и се прашуваше зошто воопшто дојде на седницата. „Светиот Климент сигурно би бил горд… или збунет… веројатно збунет, ама ајде. Главно е да има традиција. Традиција е кога правиш нешто без да знаеш зошто, но го правиш секоја година.”
Кога го прашавме претседателот на Комисијата по која метрика точно ги избираат добитниците, тој одговори: „Метрика? Ние користиме метод. Метод на ‘Ај сега ова, догодина друго’. Демократија, знаете. Плус, хороскопот вели дека Водолијата овој месец треба да биде великодушна, па ние бевме.”
Најголемата дилема на Комисијата секоја година е: Зарем мора да има одлука? Зарем не можеме една година да објавиме дека „Годинава никој не ги исполнува критериумите” или „Сите се добри, ама не толку”?
„Пробавме еднаш”, признава еден ветеран на Комисијата. „Во 2003 година рековме: ‘Годинава ништо, лоша година за култура.’ Кметот нè повика и рече: ‘Што правите таму, работете нешто! Има буџет за повелби, мора да се потроши!’ Од тогаш, секоја година имаме добитници. Дури и кога немаме кандидати, ќе си најдеме.”
Комисијата најави дека следната година ќе продолжи со традицијата на барање Лауреати под Муренка, со мала модернизација – ќе консултираат и кинески хороскоп, не само западен. „Треба да бидеме инклузивни”, рече еден член. „Плус, годината на Змијата звучи култно.”
Исто така, разгледуваат можност да воведат нова категорија: „Награда за доследност во избегнување културни настани” и „Почесна повелба за оној што 30 години не направи ништо, ама сè уште е тука”.
Честитки до добитниците! Ќе се видиме наредната декада под Муренка!
Напомена: Оваа повелба не вклучува пари, паркинг место или ослободување од комунални такси. Сепак, имате убава рамка за да ја качите на ѕид и да ја покажувате на гостите кои се правдаат дека не знаеле за вашите достигнувања.
Повелбата е изработена од рециклирани материјали.
P.S. Конкурсот за следната година ќе биде објавен на место што сè уште го одредуваме. Ако го пропуштите, не е наша вина. Беше јавно.
Сашо Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
