Во Истанбул започна состанок меѓу украинската и руската делегација. Состанокот се одржува веднаш по кратката средба меѓу американските претставници и руската делегација и среде обвинувањата дека Москва се обидува да ги саботира долгоочекуваните мировни преговори со ненадејно барање за исклучување на другите земји од разговорите.
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ги отвори преговорите меѓу Русија и Украина во Истанбул – прва официјална средба меѓу двете страни по 3 години.
Фидан нагласи дека е клучно што поскоро да се постигне прекин на огнот. По воведните обраќања и фотографирање, камерите беа исклучени и започнаа дискусиите зад затворени врати.
Русија побара разговорите со Украина во Истанбул да се одржат во формат еден на еден, без присуство на претставници на Турција и на САД, според украински дипломатски извор.
Според истиот извор, потегот на Москва претставувал опструкција на мировниот процес.
Русите првично сакаа средба еден на еден со Украина, но на крајот се согласија да се вклучи и турската делегација во преговорите.
Заврши трилатералниот состанок на високо ниво меѓу делегациите од Турција, САД и од Украина, под претседателство на турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Американската делегација ја предводеа државниот секретар Марко Рубио, американскиот амбасадор во Турција, Том Барак, и специјалниот пратеник за Украина, генерал Кит Келог.
Украина ја претставуваа шефот на кабинетот на претседателот Андриј Јермак, министерот за одбрана Рустем Умеров и министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.
Разговорите имаа за цел да најдат решение за воспоставување мир меѓу Украина и Русија.
Постојат разни очекувања за преговорите, некои се пооптимистични, некои не толку. Претседателот Трамп, кој ги поддржа преговорите, не очекува дека тие ќе донесат значајни резултати, сметајќи дека е потребна средба меѓу него и рускиот лидер, Владимир Путин.
Ситуацијата стави притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се обиде лично да го убеди Путин да дојде во Турција на разговори, а се обиде да го доведе и Трамп.
Зеленски на крајот сепак испрати делегација, предводена од министерот за одбрана Рустем Умјеров, велејќи дека тоа го прави од почит кон Трамп и кон турскиот претседател Ердоган.
Турција продолжува да се позиционира како медијатор. Таа има отворени канали со двете страни: од една страна, не се приклучи на западните санкции против Москва и има силни трговски врски со Русија, а од друга страна, пак, ѝ доставува оружје на Украина и не ги признава анектираните територии.