Повеќе од половина од здравствените работници во САД размислуваат да ги напуштат своите работни места, што го открива алармантниот притисок врз здравствениот систем кој и понатаму се соочува со последиците од пандемијата.
Анкетата на „Харис“, спроведена од компанијата за образовни услуги „Стратеџик Едукејшн“, опфатила 1.504 здравствени работници од „прва линија“ и 304 работодавци во периодот меѓу 26 јуни и 21 јули оваа година. Резултатите укажуваат на сериозно чувство на прегореност, широко распространето незадоволство и висок ризик од масовни заминувања од работа.
Според студијата, 55 отсто од здравствените работници планираат да ја сменат работата до 2026 година, додека 84 проценти сметаат дека се потценети од своите сегашни работодавци. Загрижувачки е и податокот дека само еден од петмина верува оти неговата институција инвестира во долгорочниот кариерен развој на персоналот.
Овој тренд доаѓа во период кога болниците се соочуваат со растечки трошоци и хроничен недостиг на кадар. Според податоците на Администрацијата за здравствени ресурси и услуги, САД предвидуваат недостиг од речиси 700.000 лекари, регистрирани медицински сестри и лиценцирани практични сестри до 2037 година.
Експертите предупредуваат дека иако проблемите со прегореноста и недостигот на персонал се познати одамна, сегашниот обем на кризата е без преседан. „Здравствената заштита е навистина во критична фаза,“ вели Адел Веб, медицинска сестра со повеќе од 40 години искуство, во изјава за американски медиуми. „Полошо е од кога било досега. Губиме повеќе персонал отколку што сме изгубиле во минатото. Немаме доволно кадар.“
Анкетата открила и можен пат кон подобрување – над 60 отсто од работниците изјавиле дека би останале подолго кај својот работодавач доколку им се понуди помош за школарина и дополнителни можности за едукација.