Го потпишав првиот налог за забрана на 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа. Со ова се забрануваат 53 портали коишто нелегално приредувале игри на среќа во Македонија и на коишто се прикачени македонски играчи на игри на среќа, знаеме дека се од Македонија затоа што се приклучуваат од македонски адреси и ги трошат своите пари, соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Тој рече дека овие портали кои се нелегални, за краток период ќе бидат забранети.
– Овие 53 портали се најактивните, што значи дека имаат најголем број на играчи и најмногу средства, налогот го испративме до АЕК која што во најбрз можен рок, а најдоцна до 7 дена, треба да го препрати до телеком операторите коишто се во Македонија, а тие веднаш да постапат и да ги забранат – рече Андоновски во емисија на ТВ Алфа.
Тој дополни дека проблемот е и во тоа што парите и информациите што ги предаваат граѓаните кон овие портали, не се знае каде одат, а многу лесно може да се искористат на штета на граѓаните.
– Затоа и ги таргетиравме најкористените портали, а веднаш во следниот период, кога ќе помине оваа прва фаза, подготвуваме втор налог и мислам дека во рок од еден месец, ќе стигнеме и до 160 портали – рече Андоновски.