Постигната е согласност за договор за стратешко партнерство на Македонија со Обединетото Кралство, информира Владата. Премиерот Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук напиша дека ова е историски ден за Македонија и дека најавениот договор ја позиционира државата во редот на интересите и делувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот.
Британскиот премиер Кир Стармер му порача на македонскиот колега дека двете земји имаат уште многу да сторат и дека најавениот договор ќе ги продллабочи билетаралните односи меѓу земјите.
– Драго ми е што имавме прилика да разговаравме на овој билатерален состанок, ова е мошне важно за нас. Имаме цврсти односи меѓу нашите две земји. Фактот што имавме можност да го потпишеме овој меѓувладин договор, сметам дека е од голема важност, и тоа покажува дека ние ќе решаваме многу работи меѓу двете држави. Ова навистина беше одлична можност и се радувам на оваа билатерална средба и на билатералниот договор. Мислам дека имаме многу да направиме заедно и со ова само ќе напредуваме. Се надевам дека ќе ги продлабочиме односите што веќе ги имаме – изјави британскиот премиер.
Мицкоски кратко му заблагодари на Стармер за неговата, како што вели, нова многу посилна улога во овој дел од Европа, истканувајќи дека со билатералниот договор Велика Британија ќе го сподели своето искуство со Балканот.
– Почитуван премиере, ви благодарам многу. Навистина сум многу возбуден што нашите две држави ќе можат да работат заедно, ние сме сојузници во НАТО. Со овој меѓувладин договор сигурен сум дека ќе имаме уште поголема билатерална соработка, ќе ги зацврстиме нашите врски. И со ова ќе се подобри не само искуството, туку и ќе се сподели искуството на Велика Британија во регионот. Сметам дека Балканот е навистина инспиративно место. Ви посакувам топло добредојде во вашата нова многу посилна улога во овој дел од Европа. Ви благодарам.

Владината прес-служба најави дека премиерот Мицкоски во сабота, 17 мај, на прес-конференција ќе ги извести граѓаните во врска со новата согласност за стратешко партнерство на земјата со Обединетото Кралство.
На својот Фејсбук профил Мицкоски напиша дека договорот повеќе месеци го преговарале тимови на двете држави и дека истиот ќе вклучува соработка во повеќе клучни области.
„Историски ден за Македонија! Денеска остварив средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер. На средбата постигнавме согласност за договор за стратешко партнерство на Македонија со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Ова преставува стратешки договор кој ја позиционира државата во редот на интересите и делувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот како што е Обединетото Кралство.
Овој договор претставува ново поглавје во односите меѓу двете држави и претставува клучна основа за подоцнежна економска и политичка соработка. Самиот договор се преговараше повеќе месеци помеѓу тимови од двете држави, и вклучува членови за блиска соработка во повеќе клучни области“, објави Мицкоски.