Портпаролот на Кремљ денеска изјави дека претседателот на Русија, Владимир Путин, останува отворен за каков било контакт со американскиот колега Доналд Трамп.
Дмитриј Песков истакна дека засега не е планиран разговор помеѓу двајцата лидери.
Трамп во вчерашното интервју за Ен-Би-Си изјави дека е „многу изнервиран“ и „бесен“ на Путин и се закани дека ќе воведе нови царини на руската нафта.
– Ако Русија и јас не сме во можност да постигнеме договор за завршување на крвопролевањето во Украина, а верувам дека тоа е руска грешка, ќе воведам секундарни царини на целата нафта која излегува од Русија – посочи Трамп и најави разговор со Путин следните денови.
Путин неодамна го отфрли предлогот на Трамп за безусловен прекин на огнот во Украина, кој Киев го прифати под притисок на САД.
– Продолжуваме да работиме, првенствено на воспоставување билатерални односи, а работиме и на спроведување одредени идеи во однос на украинското решение – истакна Песков, додавајќи оти „тоа е долг процес, веројатно поради сложеноста на случајот“.