Поранешниот британски премиер Тони Блер не е повеќе дел од планот на Доналд Трамп за создавање на т.н. „совет за мир“ во Газа. Според „Фајненшл тајмс“, неговото име било „тивко отстрането“ од списокот на можни членови по серија забелешки од арапски и муслимански држави, кои не гледале со доверба на неговото минато во Ирак.
Блер, чиј Институт за глобални промени (ТБИ) беше дел од идејниот нацрт на американскиот план за „преодна мировна управа во Газа“, бил најавен како можен соработник на Трамп и на зетот на Трамп, Џеред Кушнер, во управата.
Но, реакциите од Блискиот Исток се бурни, особено поради улогата на Блер во коалицијата што ја поддржа инвазијата на Ирак во 2003 година.
Дополнително, КАН Њуз објави дека Блер се сретнал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху иако ова не беше потвредено од кабинетот на Блер.
Според медиумот, Блер зад сцената водел разговори со Нетанјаху и со неколку арапски престолнини, наводно предложил пилот-шема преку која Палестинската управа (ПА) постепено би презела контрола врз делови од Газа. Израелската страна, пренесува Јерусалем Пост, не ја отфрлила иницијативата, туку ја условила со серија реформи во институциите на Палестинската управа.
Трамп, кој во септември го промовираше својот план за мир во 20 точки, во октомври изјави дека сака „прифатлив човек за сите страни“ и дека „го почитува Тони, но мора да биде прифатен од сите“.
Таа формулација, според изворите, ја означила точката на пресврт.



























