Поранешниот американски претседател Џо Бајден се појави во јавност за првпат откако објави дека боледува од карцином на простата. Во Меморијалниот парк на ветераните во Делавер, 82-годишниот Бајден одржа говор посветен на американските воени херои, при што истакна дека политиката во САД станала длабоко поделена и полна со горчина.
По говорот, Бајден одговори на прашања од новинарите за неговото здравје и порача дека прогнозите се охрабрувачки, пренесува „Гардијан“.
– Се чувствувам добро. Прогнозите се добри. Сѐ решаваме. Напредуваме. Добро се чувствувам – рече Бајден, додавајќи дека лекарскиот тим е оптимист и дека очекува да го победи ракот.
Тој објасни дека е започнат третманот и дека засега зема терапија во форма на апчиња.
– Ќе земам една таблета во следните шест недели, а потоа друга. Се очекува дека ќе можеме да го победиме ова – истакна Бајден.