Поранешната девојка на музичкиот магнат Шон Диди Комбс, Каси Вентура, зборуваше за нивната мината врска во текот на неговото судење. Освен што откри детали од нивната врска, таа проговори и за тоа како Диди ја натерал да го промени изгледот и да избричи дел од главата.
„Мојата самодоверба беше разнишана во текот на целата врска. Се обидував да сфатам која сум, која сакам да бидам и што ми е дозволено да бидам“, рекла пејачката, позната по нејзиното уметничко име Каси.
Таа рекла дека во 2009 година, раперот ѝ рекол да ја избричи главата бидејќи нејзината долга коса изгледала „премногу мексикански“. Таа го послушала, а фризурата станала нејзин заштитен знак додека ја градела својата музичка кариера.
Но, нејзините обожаватели немале поим што се крие зад тоа. Природата на врската ја наговестил раперот Јанг Џок, кој претходно изјавил дека Диди ѝ наредил да си ја избричи главата, на што таа одговорила: „Што сака Шон, тоа ќе направам“.
Инаку, пејачката на судењето откри дека плачела кога Диди ја бакнал за првпат на нејзиниот 21-ви роденден и дека тој се заканил дека ќе објави експлицитно видео од неа ако не се согласи на неговите „freak-off“ забави.
Да потсетиме, Диди, кој беше уапсен минатиот септември во Њујорк, се соочува со бројни обвиненија, вклучувајќи рекетирање и трговија со луѓе со употреба на сила, измама или принуда. Ги негираше сите обвинувања и се изјасни за невин на почетокот на судењето.