Израел соопшти дека им дозволил на пет камиони на Обединетите нации што превезуваат хуманитарна помош, вклучувајќи и храна за бебиња, да влезат во Појасот Газа по 11-неделна блокада.
2.1 раселени Палестинци
Шефот на хуманитарната агенција на ОН го поздрави потегот, но нагласи дека тоа е само „капка во морето од она што е итно потребно“ за 2,1 милиони Палестинци на територијата разурната од војна, каде што светските експерти предупредуваат на претстоен глад, јавува Би-Би-Си.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека донел одлука привремено да дозволи увоз на „минимални“ количини храна под притисок од сојузниците во американскиот Сенат.
„Не смееме да дојдеме до ситуација на глад – ниту од практична, ниту од дипломатска гледна точка“, нагласи тој во видео порака, одговарајќи на критиките упатени во Израел поради таа одлука.
Нетанјаху објави преземање на контролата
Нетанјаху рече дека испораките на храна ќе продолжат само додека израелската војска и приватните компании не формираат центри за дистрибуција на помош, според план поддржан од САД, но отфрлен од Обединетите нации.
Тој, исто така, изјави дека израелските сили ќе „ја преземат контролата врз сите области“ на Газа како дел од проширената копнена офанзива против Хамас, која израелската војска ја започна во неделата.
Најмалку 40 лица беа убиени во израелските воздушни напади низ територијата во вторник, според службите за итни случаи и болниците, пренесува Танјуг.